Новости
сабота, 26 март 2022 01:44
По повод двегодишнината на одбележувањето на историскиот успех на Северна Македонија како полноправна членка на НАТО, Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ ја истакна важноста на членство на нашата земја во НАТО алијансата.
„Две години Северна Македонија е стабилна, безбедна и посветена НАТО членка, со што исполнува еден од најважните национални приоритети. Членството во НАТО претставува „еден ист пат“ со интеграцијата во Европската Унија, пат кој постојано обезбедува реформи, човекови права, индивидуални слободи, владеење на правото. Заедно со сојузниците обезбедуваме демократија, економска стабилност и раст и пред сѐ мир и меѓусебна заштита. Во овие тешки времиња на воена агресија на тлото на Европа, уште повеќе го цениме тоа што сме дел од Северноатлантската алијанса и сме свесни за разликата помеѓу припадноста и неприпадноста кон НАТО и за придобивките од сојузничкото справување со глобалните предизвици.
Станувајќи членка на Алијансата, ја покажавме подготвеноста да учествуваме во заедничкиот одбранбен систем, потврдувајќи го својот активен придонес за мирот и стабилноста и заедно со нашите сојузници продолжуваме да го исполнуваме идеалот за слободна Европа, Европа која живее во мир“, истакна вицепремиерот Маричиќ.