Новости
среда, 06 јули 2022 03:39
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ на денешната прес-конференција со германскиот специјален пратеник, Мануел Сарацин, изјави дека Владата од почетокот на мандатот покажала особен интерес за надминување на отворените прашања со Бугарија.
-Покажавме силна посветеност и водевме искрен и отворен дијалог, што очигледно беше добар сигнал за ЕУ. Во тој процес, воден исклучиво од интересот на државата и граѓаните, горд сум што изнајдовме компромисно решение со кое ги одбранивме нашите црвени линии и на достоинствен начин го направивме нашиот јазик и идентитет европски, рече Маричиќ.
Вицепремиерот за европски прашања објасни дека самиот францускиот предлог, кој се повикува на Договорот од Преспа - значи дека ние ќе почнеме преговори како Македонци кои зборуваат македонски јазик, додавајќи дека историјата им ја оставиле на историчарите и дека овие прашања не се дел од преговарачката рамка.
-Нема никакви замки. Договорот за добрососедство со Бугарија се наоѓа во општиот дел од рамката, каде што се принципите за добрососедски односи, не во делот на патокази и Копенхашките критериуми. Неговата имплементацијата ќе се базира на добрата волја од двете страни кои треба да ги унапредуваат односите, паралелно со нашиот процес на европеизација. А на ова, како социјалдемократска Влада, сме целосно посветени од самиот почеток, истакна вицепремиерот Маричиќ.
Специјалниот пратеник за земјите од Западен Балкан, Сарацин, во своето обраќање на прес-конференцијата истакна дека во оваа историска ситуација доаѓа во Северна Македонија бидејќи има доверба во македонската политика, во луѓето и дека верува тие заедно ќе продолжиме на патот кон ЕУ.
-Мене како пратеник а сега како специјален пратеник за овој регион, ми значи неговата иднината и можам да кажам знам дека ова е момент кој носи одредена надеж во себе и имам чувство дека вратата за да се напредува со процесот на ЕУ за Северна Македонија е сега толку широко отворена како што не беше долго време, рече Сарацин, додавајќи дека одлука да се помине низ таа врата е на нашата политика и на нашата земја, но дека посакува заедно да можеме да одиме по овој пат бидејќи се наоѓаме во едно време коешто покажува колку е важно заеднички да се решаваат проблемите и колку е важно заеднички да се организираме.
линк од прес-конференцијата: https://youtu.be/ntkiDTrcLio