Новости
понеделник, 23 мај 2022 09:30
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ вечерва се обрати на Свечената академија во чест на Националниот ден на Власите, на која во име на Владата и негово лично име упати честитка по повод 23 Мај – Националниот ден на Власите.
- Ми претставува особена чест што вечерва, на овој голем празник, имам прилика да сум дел од оваа „Вечер на влашки збор и влашка песна“ и заедно да чествуваме, оддавајќи почит кон една од најавтентичните култури кои живееле на овие простори и кон нивниот вековен стремеж за зачувување и промовирање на својот јазик, култура и традиција, рече Маричиќ, додавајќи дека Власите се составен дел од нашето мултиетничкото општество, со значаен општествен и културен придонес во современата македонска држава и се составен дел од минатото, сегашноста и иднината на Република Северна Македонија.
Според вицепремиерот Маричиќ културната различност е нашето најсилно оружје со кое со децении се штитиме од ретроградните идеи, а Северна Македонија земја која отсекогаш била симбол на различностите и еден од најдобрите примери за негување на културната различност, градењето на социјална кохезија и мултикултурализам во „Едно општество за сите“.
- Припадниците на помалите етнички заедници како културната различност се нашата силна страна со која можеме да градиме здрава политика и општество, со примена на цивилизациските вредности, заедничко дружење, разбирање, прифаќање и што е најважно, меѓусебно соработувајќи за различни прашања, секој да даде свој придонес за благосостојба и за просперитет на нашата заедничка татковина, истакна Маричиќ.
На Власите вицепремиерот Маричиќ им порача да го чуваат својот јазик, културен идентитет и наследство, кои се нераскинлив дел од македонскиот мултиетнички мозаик и да останат посветени како и досега на својата држава и на својата заедница, бидејќи благосостојбата и просперитетот на нашиот заеднички дом, Република Северна Македонија, зависи од сите нас.
На крајот Маричиќ упати честитка и од име на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, со уверување дека заедно, обединети ќе продолжат да градат едно општество за сите и да работат во интерес на граѓаните и државата, градејќи ја иднината на нашите поколенија.