Новости
вторник, 10 мај 2022 06:07
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ во рамки на работната посетата на Париз се сретна со Изабел Думонт, политичката советничка за Балкан на претседателот Макрон. Фокус на разговорот на состанокот беа безбедноста, напредокот и стабилноста на регионот, а и на Европа.
Вицепремиерот Маричиќ после средбата со Думонт истакна дека денес Унијата се наоѓа пред историски одлуки кои ќе покажат каде и како ќе се движи и Европа и Западен Балкан.
-На кризите не остана имуна ни Европската Унија. Затоа поразговаравме и за новиот предлог на францускиот претседател Макрон. Несомнено новите случувања ѝ наметнуваат нови услови на функционирање на Унијата, рече Маричиќ.
Вицепремиерот на средбата нагласи дека реално е ние да очекуваме Европската Унија да даде ново темпо на процесот на проширување, што ќе придонесе и ќе не мотивира да бидеме поефикасни и ефективни во исполнување на обврските во преговарачкиот процес.
-Одлучни сме да ја интензивираме регионалната соработка, но тоа во никој случај не значи дека сме нашле замена за Европската Унија. Напротив, тоа ќе значи дека во Унијата влегуваме поспремни и со реализирани реформи, како на национално така и на регионално ниво, со инкорпорирани европски стандарди, вредности и принципи во македонското општество, истакна Маричиќ, додавајќи дека Франција го признава напредокот на нашата земја и останува силен поддржувач на интеграцијата на земјите од Западeн Балкан.