Новости
вторник, 10 мај 2022 10:20
Денес во Секретаријатот за европски прашања Евгенија Серафимовска Кирковски, Раководителка на Секторот за координација на ЕУ фондови и друга странска помош и претставници на Одделение за билатерална и мултилатерална помош остварија средба со Мана Нагашима, советничка за формулирање на проекти одговорна за Северна Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина во Балканската канцеларија на Јапонската организација за меѓународна соработка – JICA.
Соговорничките истакнаа дека Северна Македонија и Јапонија имаат одлична билатерална соработка, а во претстојниот период фокус ќе биде даден на подготовка на проектна апликација за поддршка на развојот на туризмот во Северна Македонија. По направена анализа на актуелните состојби национално, но и регионално во државите од Западен Балкан, како и со непосредни консултации со релевантните национални институции, ќе биде обезбедена неколку годишна јапонска експертска поддршка во областа на туризмот.
Беа разменети видувања и во поглед на тековните проекти за техничка соработка помеѓу Северна Македонија и Јапонија, како што се повеќе годишниот проект за намалување на опасноста од природни катастрофи, регионалниот проект за менторство за мали и средни претпријатија, проектот за унапредување на системот за управување со отпад во Охридското езеро, како и проектот со УКИМ во рамки на кој се спроведуваат предавања за бизнис менаџмент, при што беше потврдено од двете страни дека истата се реализира успешно.
На крајот од состанокот соговорничките потврдија дека нивните институции ќе продолжат со интензивна координација и комуникација во насока на понатамошно унапредување на одличната соработка.