Новости
недела, 13 март 2022 07:05
Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ во интервјуто за Нова ТВ рече дека со воспоставувањето на новата методологија за секторска соработка, напредокот меѓу Скопје и Софија од јануари до сега е постојан и интензивен.
- Во четвртокот во Софија разговаравме и договоривме нови конкретни соработки во рамки на работната група за европска соработка – зелена транзиција, дигитална трансформација и владеење на правото. Станува збор за исклучително важни заеднички чекори кои договоривме да ги преземеме заеднички и кои од една страна ја забрзуваат нашата реформска агенда, а од друга страна носат конкретни придобивки во секојдневното живеење и на македонските и на бугарските граѓани, рече Маричиќ.
За работата и значењето на работните групи, Маричиќ смета ваквиот начин на работа покажува дека владите на двете држави одржуваат редовна комуникација, брзо ги завршуваат задачите што сами си ги задаваат и со тоа обезбедуваат напредок во соработката и градењето доверба и конкретни придобивки за граѓаните.
- Мислам дека што поголема успешноста имаме од работата на секторските групи, толку полесно и побрзо ќе се надминуваат отворени политички прашања, а тоа директно води кон почеток на преговорите на Северна Македонија за членство во ЕУ, кажа вицепремиерот Маричиќ, додавајќи дека се работи со брза динамика и веќе е договорена следната работна средба да биде во Скопје, на почетокот на април, со завршени обврски кои произлегуваат од средбата во Софија.
На прашањето како помина и што е договорено на состанокот на работната група во Софија, Маричиќ истакна дека на последната средба бил потпишан меморандуми за конкретни соработки меѓу двете државни пошти, како и двегодишна Програма за спроведување на Договорот за соработка меѓу двете министерства во областа на животната средина и управувањето со водите, потпишан 2019 година, а биле дефинирани и можности за соработка на полето на борбата против корупцијата, граѓанскиот сектор и развивањето прекугранични електронски услуги за граѓаните.