Новости
петок, 04 март 2022 06:10
Заменик претседателот на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ денес имаше свое обраќање пред постдипломците од Правната клиника при Универзитетот Џон Хопкинс (The SAIS International Human Rights Law Clinic), на тема Меѓународно право за човекови права и трговија со луѓе: Случајот со Северна Македонија.
-Прашањето на трговијата со луѓе е високо на агендата на Владата, прво затоа што поседувањето ефикасни механизми за спречување и сузбивање на криминалните активности е задолжително за секое демократско општество, а второ, како земја кандидат за членство во ЕУ, ја презедовме обврската да спроведеме соодветни мерки и активности за борба, меѓу другото и трговија со луѓе согласно член 78 од Спогодбата за стабилизација и асоцијација, рече Маричиќ.
Вицепремиерот Маричиќ посочи дека Владата има обезбедено основа за имплементација на Конвенцијата на ОН против транснационалниот организиран криминал со нејзините два протоколи (Палермо), како и на Конвенцијата на Советот на Европа за активности против трговијата со луѓе, со што се создава широка законска рамка за борба против трговијата со луѓе, со посебен фокус на децата. ТОј се осврна накратко и на правната рамка на земјава која опфаќа различни аспекти поврзани со превенцијата и борбата против трговијата со луѓе, усогласени со меѓународните стандарди и најдобрите практики на правото на ЕУ, како што е Директивата за спречување и борба против трговијата со луѓе и заштита на нејзините жртви.
-Ако ме прашате дали можеме повеќе, секогаш би рекол да. Секогаш може да се направи повеќе – подобро законодавство, поефикасна превенција и кривично гонење се предизвици не само за нашата земја, туку би рекол дури и во целиот свет. Сепак, верувам дека е направено многу и тоа е потврдено во Извештајот на Стејт Департментот на САД за трговија со луѓе за 2021 година, кој ја рангира Северна Македонија, шеста година по ред (од 2016 година) во групата на ниво 2 (земји чии влади прават значајни напори за усогласување со тие стандарди, посочи вицепремиерот Маричиќ, додавајќи дека тоа соодветно ја валоризира посветеноста на Владата во оваа област, но уште поважно е охрабрување да ги удвоиме нашите напори и да се справиме со сите предизвици со цел подобри резултати во иднина.