Новости
четврток, 12 декември 2024 11:18
Денеска во Центарот за обука на Министерството за европски прашања (МЕП) се одржa работилница за стратешката комуникациска рамка за ЕУ помош / ИПА III комуникација и видливост. Настанот беше организиран во рамките на Проектот „Поддршка за реформи на политики, пристапување и ефективност (СУПРАЕ)“, финансиран од Европската Унија, а имплементиран од страна на конзорциумот предводен од GOPA-PACE. Учесници на настанот беа претставнички и претставници од ИПА и секторите за односи со јавност од институциите кои се дел од секторските оперативни програми во рамки на ИПА III програмата.
Работилницата беше отворена од страна на Евгенија Серафимовска - Кирковски, НИПАК канцеларија, раководителка на сектор во МЕП, Елена Пресилска, посебна советничка во кабинетот на МЕП Муртезани, Александар Меламед, тим лидер комуникации и прес во Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија и Мојца Грошељ, тим лидерка на ЕУ Проектот „СУПРАЕ“. Обучувач беше Бојан Кордалов, виш експерт за комуникација и видливост, ангажиран во рамките на ЕУ Проектот „СУПРАЕ“.
Главната цел на работилницата беше да ги подобри знаењата и вештините на учесниците за ефективно подигање на јавната свест за можностите што ЕУ ги дава како финансиска помош за Северна Македонија, вклучително и ИПА III програмата. Фокусот беше ставен на поттикнување доверба, промовирање на транспарентност и зголемување на видливоста на процесите на интеграција во ЕУ и видливоста на проектите финансирани од ЕУ, како и конкретен придонес во борбата против дезинформациите на пристапниот пат на Северна Македонија во Унијата.
За време на оваа работилница, на учесниците им беа претставени два клучни комуникациски документи: нацрт Стратешката комуникациска рамка за ЕУ помошта и нацрт Стратешкиот комуникациски акциски план поврзан со ИПА III програмата. Овие стратешки документи се, исто така, развиени во рамките на проектот SUPRAE - поткомпонента за „Комуникација за политиките на земјата, пристапувањето во ЕУ и помошта од ЕУ“, во насока на обезбедување на ефективни, кохерентни комуникациски активности кои се усогласени со финансиските механизми на ЕУ, истовремено интегрирајќи системи за мониторинг, евалуација и ажурирање.