Новости
четврток, 28 април 2022 03:00
На 28 април 2022 година, се одржа 18 состанок на Поткомитетот за иновации, информатичко општество и социјална политика како дел од Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу Европската унија и Северна Македонија. Претставниците од Европската комисија (ЕК) разговараа со релевантните власти од Северна Македонија за најновите случувања во овие области.
Со состанокот од македонска страна претседаваше г-динот Адмирим Алити, министер за информатичко општество и администрација, a ЕУ страна копретседаваше г-дин Алберто Камарата, заменик раководител на одделението за Албанија и Северна Македонија, во Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската комисија.
ЕК ги призна напорите на властите во Северна Македонија за надминување на ефектите од пандемијата на пазарот на трудот, како и на образовниот и културниот сектор, особено во однос на најранливите групи. ЕК ја потенцираше потребата од зголемување на финансиската распределба на политиките за вработување, социјалната заштита, образованието, истражувањето и иновациите и важната улога на дигиталните технологии во поддршката на економијата и ублажувањето на ефектите од пандемијата.
ЕК ги препозна напорите направени од страна на Северна Македонија во текот на минатата година во областа на образованието, нагласувајќи ја потребата од зајакнување на спроведувањето на образовните реформи, со фокус на невработеноста кај младите и миграцијата на младите. ЕК ја истакна потребата од зголемување на финансиската распределба за образовниот систем и го поздрави доброто спроведување на програмата Еразмус+. ЕК ја поздрави значителната работа направена во областа на сајбер безбедноста и ги охрабри властите на Северна Македонија да ја усвојат Националната стратегија за ИКТ. ЕК, исто така, потенцираше дека Северна Македонија треба да го усогласи своето законодавство со Кодексот за електронски комуникации на ЕУ, Директивата на ЕУ за намалување на трошоците за широкопојасен интернет и Директивата за безбедност на мрежи и информации (НИС).
ЕК ги поздрави напорите направени во областа на вработувањето и политиките на пазарот на труд во текот на минатата година и постигнатиот напредок во спроведувањето на Младинската гаранција. ЕК ја потенцираше важноста од продолжување по овој успешен пат, вклучително и преку зајакнување на трудовата инспекција, како и обезбедување доволно ресурси за активниот пазар на трудот и политиките за стручно образование и обука. ЕК ја истакна потребата од зголемување на напорите за финализирање и усвојување на новиот Закон за работни односи и го потврди развојот на трипартитниот социјален дијалог на национално ниво.
Комисајата ги поздрави напорите направени од Северна Македонија за обезбедување непречена реасоцијација на Хоризонт Европа и ги истакна добрите перформанси на земјата во рамките на Хоризонт 2020. ЕК силно ги охрабри властите на Северна Македонија да го финализираат усвојувањето на Стратегијата за паметна специјализација до крајот на 2022 година.