Новости
среда, 06 април 2022 08:24
Денес во Секретаријатот за европски прашања, Евгенија Серафимовска Кирковски, Раководителка на Секторот за координација на ЕУ фондови и друга странска помош оствари средба со Др. Роберт Кокаљ, Раководител на Секторот за развојна соработка и хуманитарна помош при Министерството за надворешни работи на Република Словенија на која се разговараше за билатералната развојна соработка помеѓу двете држави како и можностите за нејзино продлабочување и унапредување.
Соговорниците потврдија дека билатералната развојна соработка помеѓу Северна Македонија и Словенија е одлична, при што Северна Македонија е меѓу најголемите приоритети на Словенија за меѓународна развојна соработка и втора по волуменот на распределени словенечки развојни средства.
Словенечкото претседателство со ЕУ беше во фокусот на словенечката администрација во 2021 година, но сега земјата е подготвена уште поактивно да се посвети на развојната соработка, за што говори и фактот на зголемување средствата за оваа намена од 0.17% од БНП во 2021 на 0.19% од БНП во 2022 година.
Во таа насока говори и подготвеноста во претстојниот период да започне реализација на инфраструктурни проекти во областа на обезбедување вода за пиење преку реконструкција и надградба на пречистителни станици за вода за пиење, но и поинтензивна соработка и техничка помош во областа на евроинтеграциите. Словенија располага со одлична експертиза во поглед на евроинтегративните процеси што нуди голема можност за соработка.
Во таа насока беа разменети неколку конкретни идеи, како пренос на искуство и знаење за преговарачката структура, словенечка експертиза за поглавјата од acquis, експертски посети и стажирање, за што Др. Кокаљ изрази интерес и подготвеност за понатамошно конкретизирање и спроведување на истите.
На средбата беше потврдена заедничката заложба и посветеност на унапредување на билатералната развојна соработка во периодот што претстои.